Спасовски рече дека негова задача ќе биде да организира фер и демократски избори

Your browser doesn’t support HTML5

Собранието ја изгласа техничката Влада

Претседателот Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Оливер Спасовски за нов премиер на техничката Влада, функција која ќе ја извршува до изборот на нова Влада по предвремените парламентари избори закажани за 12 април.

Утрово досегашниот премиер Зоран Заев поднесе оставка што Собранието ја констатираше.

Новиот технички премиер Спасовски, во вилата Водно, изрази благодарност за честа и одговорноста која ја добива како мандатар за состав на преодната Влада, и нагласи дека негова задача ќе биде да организира фер и демократски избори.

Спасовски ќе се обрати и во Собранието, каде ќе го предложи новиот состав на Владата, и ќе го изнесе своето експозе пред пратениците.

Според очекувањата, техничката Влада ќе биде избрана најдоцна до полноќ, а потоа новиот состав ќе биде примен од претседателот Пендаровски во неговиот кабинет.

Досегашниот премиер Зоран Заев, пак, по две години и седум месеци, ја депонираше оставката како што беше претходо договорено.

Тој не присуствуваше на седницата на Собранието и не ја образложи оставката која што беше прифатена.

Оваа е втора техничка Влада во Македонија, по таканаречениот „Пржински модул“, според кој, во неа има двајца министри и тројца заменици - министри од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во техничката Влада нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика ќе бидат Наќе Чулев и Рашела Мизрахи.

Првата техничка влада беше формирана пред предвремените парламентарни избори во 2016 година, а нејзин премиер беше Емил Димитриев.