Очекуваме САД да дадат конкретни насоки за решавање на спорот со Бугарија, велат аналитичари за конференцијата во Охрид

Your browser doesn’t support HTML5

Посетата на Охрид и учеството на првиот Преспа-форум за дијалог на специјалниот претставник на САД за Балканот Метју Палмер, и помошник - државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, сама по себе е јасен сигнал за поддршката која оваа американска администрација ја има кон Северна Македонија и Западен Балкан, велат аналитичари за Гласот на Америка.

Извршниот директор на Преспа Институтот Андреја Стојковски, вели дека ова е доказ оти САД се враќаат на мултикултурализмот и посветеноста на врските кои ги гради со сојузниците во Европа.

„Она за кое очекувам да зборува амбасадорот Рикер е токму важноста на Договорот од Преспа, не само за регионот и неговата стабилизација и надминувањето на спорот помеѓу Грција и Северна Македонија, туку и за важноста на Договорот од Преспа и за националната безбедност на САД“, рече Стојковски.

Стојковски ова го поврзува и со неодамнешата извршна наредба на претседателот Бајден.

„Импементацијата на Договорот во неговата целост не зависи само од двете држави Грција и Северна Македонија, туку ќе зависи и од процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ и од хармонизацијата со европското законодавство. Посветеноста на САД во имплементацијата на Договорот ја гледам и преку соработка на САД со ЕУ“, рече тој.

Поранешниот амбасадор во Грција Љупчо Арсовски очекува силни пораки за сите на Балканот. Очекува македонските власти да добијат и конкретни насоки и совети во однос на надминување на прашањето со Бугарија.

„И досега изразија голема загриженост за ова што се случува со бугарското вето. Мислам дека ќе имаат и одредени и конкретни предлози и сугестии во разговорите со нашиот државен врв. Во високите кругови на Стејт департментот каде што се анализираат состојбите во светот, за Европа, Балканот и Македонија, знаат дека се работи за една сериозна уцена и за едно сериозно вмешување во историските факти и настани“, вели Арсовски.

Тој е оптимист дека наскоро ќе има поместувања во овој правец.

„Мислам дека ќе има одредени поместувања после конференцијата во Охрид“, смета тој.