Над еден милиони вакцинирани во Северна Македонија

Your browser doesn’t support HTML5

Над еден милион вакцинирани во С. Македонија

Додека дел од граѓаните брзаат да се имунизираат, податоците на министерството за здравство покажуваат голем скок во новозаразени случаи и починати поради што и се преземаат нови рестриктивни мерки

Повеќе од 1 милион дози анти-ковид вакцини досега се аплицирани во земјава. Според министерството за здравство станува збор за 1.016.700 дози, а ревакцинирани се повеќе од 454.000 граѓани. „Вакцинацијата на пунктовите се одвива непречено и со зголемен интерес, а новоотворените пунктови ја дисперзираа зголемената работа на медицинските лица во поликлиниките и го смали редот на чекање за граѓаните. Вакцини има доволно од сите производители, а на неделно ниво со нови пратки истите се надополнуваат“, информираше министерот Филипче. И тој и министерството признаваат дека по најавата за нови рестриктивни мерки кои ќе стартуваат од наредната недела се повеќе граѓани се пријавуваат за вакцинација. И денеска имаше редици пред вакциналните пунктови.

Додека дел од граѓаните брзаат да се имунизираат, податоците на министерството за здравство покажуваат голем скок во новозаразени случаи и починати поради што и се преземаат нови рестриктивни мерки, особено во делот на работата на угостителските објекти кои меѓудругото предвидуваат влез само за вакцинирани. Опозицијата продолжува да обвинува за доцни и несоодветни чекори на надлежните.

Наместо глупави дискриминирачки мерки од фашистичката матрица на СДСМ, треба да се носат ефективни мерки за справување со корона вирусот.
Арсовски, ВМРО- ДПМНЕ


„Наместо глупави дискриминирачки мерки од фашистичката матрица на СДСМ, треба да се носат ефективни мерки за справување со корона вирусот. Замислете, власта го достигна лудилото и тоа со само еден потег. Велат, само вакцинирани ќе може да одат и да седат во угостителските објекти, а овие невакцинираните не смеат.“, изјави Димче Арсовски, ВМРО- ДПМНЕ.

Во ситуација кога се зголемува бројот на инфицирани и се најавува нов бран на делта-варијантата и тоа во пресрет на стартот на учебната година, министерството за образование најавува дека се подготвува за почеток на наставата на 1 септември и дека во игра, во зависност од епидемиолошката ситуација, се 3 сценарија. Првото, е целосно отворање на училиштата за сите ученици. Второто, предвидува комбинирана настава – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава. Третото сценарио е ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата. Според надлежните околу 60 проценти од вработени во училиштата, досега се вакцинирани.